По обновата на полетувалиштето на Мечкин Камен, Крушево оваа сезона ќе добие уште две нови полетувалишта на локацијата Црн Врв, со што двојно ќе се зголеми капацитетот за параглајдинг.
Проектот се реализира во рамки на прекуграничната соработка со Елбасан и е вреден 830.000 евра, финансирани од Европската Унија. Новите стартни позиции ќе зафаќаат површина од околу 2.000 квадратни метри и треба да бидат готови до август, кога во Крушево ќе се одржат европското и светското јуниорско првенство во параглајдинг.
Од Општината велат дека со новите полетувалишта ќе се надмине проблемот со недостиг на простор за време на големите натпревари, кога бројни параглајдеристи останувале без можност за полетување.
Во рамки на проектот ќе се уредува и спортско-рекреативниот центар на Гумење, каде е предвидена изградба на нов рекреативен парк.
Градоначалникот Нико Чонески очекува успешна туристичка и спортска сезона, нагласувајќи дека параглајдингот има големо значење за развојот на туризмот во Крушево.
