Кржаловски: Во последниве две години зголемен е притисокот да се даде поткуп/мито, зголемен е бројот и на тие што дале!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во последните две години е забележано зголемување на притисокот врз граѓаните да дадат поткуп, но и раст на бројот на оние кои навистина платиле мито, покажуваат резултатите од најновото истражување на Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Ова во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 го изјави директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, повикувајќи се на последното национално истражување спроведено во декември.

„Во овие две години од претходното истражување е зголемен притисокот да се даде поткуп или мито, а зголемен е и бројот на луѓе кои навистина дале. Претходно притисокот беше 37 проценти, а 25 проценти изјавиле дека дале мито. Сега 36 проценти, односно на секој трет човек му е побарано мито, а околу 37 проценти од нив навистина дале“, рече Кржаловски.

Според него, ако резултатите се пресликаат на целото население, тоа би значело дека огромен број граѓани се соочиле со вакви ситуации.

„Ако го пресметаме тоа на ниво на целата држава, може да се каже дека стотици илјади граѓани, можеби и околу половина милион, на некој начин учествувале во вакви мали плаќања – по 100 евра или слични суми“, посочи Кржаловски.

Тој додаде дека ваквата појава укажува на сериозен проблем со корупцијата на ниско ниво, која често се одвива преку помали суми, но опфаќа голем број граѓани и институции.