Злоупотреби на функцијата, партиски вработувања, селективни апсења и истраги, ова е само дел од образложението за поднесената интерпелација за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Во текот на денот жестоки напади на негова адреса во законодавниот дом, од страна на опозициските пратеници, пред се оние од Левица, кои се подносители на интерпелацијата.
-Баџанакот ваш, значи на жената, сестра, мажот, стана доцент на факултетот за безбедност Стевчо Јоваковски и извиси најдобриот студент на генерација. И после министерот и премиерот се чудат дека ни бегаат младите, па од вмровци ни бегаат, оти одат на наместени конкурси, вели Димитар Апасиев од Левица.
Освен тоа што од говорницата ги наброи чекорите преземени за подобрување на функционирањето на ова министерство, Тошковски порача дека нападите кон него, всушност се напади врз институцијата, која како што вели, за прв пат во три децении покажала дека законот важи подеднакво за сите.
-Удирајќи по мене, удирате врз институција која за прв пат во 30 години покажа дека законот важи еднакво за сите. Особено стигна до оние што мислеа дека се недопирливи, а тоа е поранешната власт на ДУИ и СДСМ. Оние кои што грабаа и оставија пустош врз себе. Но, кога партијата гласно тврди дека е против сите нив, ќе го нападне токму оној кој разгледува нивна неказнивост, логично се поставува прашањето на кого му користи тоа. И така Левица која што глуми дека е против сите, во пракса стана најкорисниот сојузник на оние против кои што низ годините го градеше својот имиџ, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Во критиките за Тошковски се приклучија и пратениците од СДСМ, спомнувајќи ги последните случаи окарактеризирани како скандали.
-Особено загрижува фактот што се појавија сомнежи во јавноста кои беа на големо коментирани во медиумите за оддавање на службени тајни поврзани со лица кои биле во најтесното опкружување на претседателот на Владата, но и на информации за аферата од кабинетот на претседателот на државата. Ваквиот случај неизбежно отвора дилеми за ефикасноста на внатрешната контрола, безбедносните проценки и механизмите за спречување злоупотреба на безбедносните информации, вели Благој Бочварски, пратеник на СДСМ.
Инаку, пред неколку дена опозицијата поднесе интерпелација за уште еден министер од оваа влада, Цветан Трипуновски. Сепак, таа не помина бидејќи немаше доволен број на гласови.
