Државните институции отсега ќе ја имаат на располагање и Националната платформа за вештачка интелигенција наречена „Везилка“. Со овој проект, Македонија станува дел од европската мрежа на центри за вештачка интелигенција и добива пристап до најсовремената инфраструктура за развој на вештачка интелигенција, европските суперкомпјутери и нови можности за истражување и иновации.
„Како Универзитет имаме јасна одговорност да создадеме услови за развој на новите генерации како експерти и истражувачи, да поттикнуваме и обезбедуваме знаење за напредокот на општеството. Вештачката интелигенција не е само технолошка алатка, таа претставува трансформативна сила и бара одговорно управување.“, вели Билјана Ангелова.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски изјави дека преку „Везилка“ и Македонија ќе има пристап до суперкомпјутери и центри за податоци за развој на вештачка интелигенција. Тој рече дека корист ќе имаат и граѓаните преку побрзи административни услуги, бидејќи многу институции ќе бидат поврзани преку оваа технолошка наука.
„Во последните години Европа јасно стави до знаење дека идната конкурентност нема да се мери само со патишта, железници, бизниси или фабрики. Таа ќе се мери и со пристап до суперкомпјутери, центри за податоци, бази на податоци, алгоритми и талент. Токму затоа Европската Унија се залага за развој на мрежа и центри ‘AI Factory’ низ цела Европа, инфраструктура која треба да им обезбеди на институциите, стартап бизнисите и европските истражувачи пристап до современи ресурси за вештачка интелигенција.“, вели Стефан Андоновски.
Проектот чини над 6 милиони евра и е кофинансиран преку програмата „Хоризонт Европа“ во рамки на Европската заедница за информатика со високи перформанси (EuroHPC). „Везилка“ се реализира преку стратешко партнерство со грчката фабрика за вештачка интелигенција „Фарос“, со што земјата се вклучува во европскиот екосистем за развој на вештачка интелигенција.
