Десетици ученици од основните училишта во Куманово веќе два месеца остануваат без превоз, иако според законот имаат право на тоа. Причината е што Општината ги исклучила од листата оние деца чии адреси се во периметар од 2 километри од најблиските училишта. Нивните родители се жалат, при што со мапи докажуваат дека им е нанесена неправда и најавуваат бојкот на наставата од 1 февруари.
Едно од најпогодените училишта од овој проблем е ООУ „Бајрам Шабани“. Директорот на училиштето ги повика родителите да поднесат нови барања.
„Учениците кои ги исполнуваат условите од 2 километри се евидентирани и треба да достават барања до училиштето, по што училиштето ги одобрува преку формирање комисија која ги верификува согласно Законот за основно образование. Постапките на нашата институција се преземени во согласност со член 73 од Законот за основно образование, кој предвидува дека учениците имаат право на бесплатен превоз доколку нивното живеалиште е оддалечено најмалку 2 километри од најблиското основно училиште. Според овој член, превозот им следува на учениците кои ги исполнуваат законските услови, особено во случаи кога растојанието од местото на живеење до училиштето е поголемо од предвиденото.“, порача Фатмир Ебиби.
Учениците се принудени да одат пеш затоа што распоредите и линиите на јавниот превоз не се усогласени, кои, апсурдно, се бесплатни за сите граѓани, додека овие деца се исклучени.
Од Секторот за образование во Општина Куманово велат дека станува збор за недоразбирање и се обврзаа дека во текот на наредната недела ќе бидат обновени анекс-договорите со приватните превозници.
„Кај неколку индивидуални ученици кај кои настанало недоразбирање, истото ќе биде коригирано, бидејќи училиштето побара дополнително да се провери растојанието од училиштето до нивните адреси дали е 2 километри. Станува збор за Основното училиште ‘Бајрам Шабани’, кое формирало комисија согласно Законот за основно образование и ја процесуирало оваа постапка. Во најкраток рок ќе се направи повторна листа во која ќе бидат вклучени и овие ученици кои претходно не беа опфатени. Дополнително, сите ученици кои се поблиску од 2 километри ќе можат бесплатно да ги користат линиите на јавниот превоз, но нема да бидат вклучени во организираниот ученички превоз.“, вели Александар Јовановиќ.
Во Општина Куманово има 26 линии на јавен превоз, кои со одлука на Советот на Општината се бесплатни за сите патници до крајот на јуни. Но, линиите за ученички превоз ги организираат приватни агенции, кои ги плаќа општината согласно соодветниот закон и тие се прилагодени на наставата и локациите на учениците. Како што ни училиштата, така ни приватните превозници не сносат одговорност за ризиците на кои се изложени децата при секојдневното пешачење повеќе од 4 километри до и од училиште.
