Се погласните шпекулации дека новото парламентарно мнозинство би можеле да го поддржат пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ги отвора дилемите колку тоа е легално и легитимно. Според професорот Стефан Буџаковски, преминувањето од една во друга опција е измама на гласачите.
„Правото на секој поединец вклучувајќи го и пратеникот е да се определува сам каде ќе припаѓа, меѓутоа во изборниот процес и во постапката за презентација на пратеници и програми се презентира со една програма и тоа е неморално да премине во друга партија или друга опција само заради некои свои лични интереси“, истакна Стефан Буџаковски.
Буџаковски вели дека законите не предвидуваат кривична одговорност за вакви постапки, но затоа моралната одговорност за газење на принципот на демократија останува. Досега имало често вакви случаи, а примерот со независните пратеници од претходниот состав е најсвеж, иако во ниту еден од нив не е докажано на каков начин е сторено тоа. Дали тоа значи дека треба да има законски измени со кои преминување на пратеници кон друга опција ќе биде забрането?
„Прво и основно е ние политички да созрееме иако сме во тој плурализам подолго време ние политички не созреавме, за да ја градиме демократијата и демократските процеси. После тоа би дошло до законски измени. На ваков начин политичките партии нема да тежат кон тоа да направат било какви измени бидејќи тие ги носат законите а после тоа извршната власт ги спроведува“, посочи Стефан Буџаковски.
Христијан Мицкоски обвини дека одредени лица им нуделе на веќе избрани пратеници на ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат новото парламентарно мнозинство предводено од СДСМ за што им биле нудени огромни суми пари. Мицкоски рече дека верува во своите пратеници дека нема да прифатат што им се нуди, а прашан кои се лицата кои ја дале понудата, рече дека знае, но дека не сака да обелоденува ништо, за да не се нарушел преговарачкиот процес. Од СДСМ не ја искоментираа изјавата на Мицкоски, а преку соопштение велат дека нивната партија води сериозни преговори за формирање влада поддржана од стабилно мнозинство на која еден од главните приоритети ќе биде борбата со криминалот и корупцијата на сите нивоа.
