При излегувањето од дома околу 8 часот и 30 минути, претседателот на Алијанса за Албанците пред неговата куќа пронашол неиспукан куршум од калашников.
„Ова е куќата на претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, која се наоѓа на улицата „Борче Јовановски“ во Гостивар. Денеска околу 8 часот и 30 минути пред неговата куќа пронашол куршум за кој постои сомневање дека е модел на калашников. Полицијата сега е на местото на настанот за да утврди кој го фрлил или го оставил куршумот пред куќата на претседателот на АА“, вели репортерот на ТВ21.
Од СВР-Тетово излегоа со детали.
„Денеска (05.02.) во 09:34 часот, Ј.Ј.(42) од Гостивар во СВР-Тетово пријавил дека пред влезната врата од куќата на А.Т.(50) во Гостивар, е пронајден куршум од автоматско оружје калибар 7,62 милиметри. Екипа на СВР Тетово – Сектор за внатрешни работи -Гостивар изврши увид на местото на настанот. Пронајдениот куршум е фотодокументиран и испратен на вештачење. Се преземаат мерки за расчистување и целосно документирање на случајот“, велат од СВР Тетово.
Тензичната ситуација почна синоќа кога Дритон Небиу, директор од редовите на АА пријави дека бил нападнат од неколку лица.
„По завршувањето на партиските активности заминавме да вечераме заедно со сопартијците. Во еден момент, едно лице кое не го познавав дојде до масата и ме нападна. Потоа дознав дека тоа е Кренар Османи. Никогаш во животот не сум го запознал, ниту како име го познавам, а ниту пак сум слушнал за него“, порача Дритон Небиу.
Генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Кренар Лога, реагираше по поделбите што се создадоа во партијата. Лога вели дека канцелариите на АА им припаѓаат на сите членови, а потенцира дека и да се работи за поделба на партијата, истиот процес треба да се направи цивилизирано.
„Го осудуваме секој вид на насилство од кого било, како што денеска го осудуваме кукавичкиот чин што му се случи на нашиот сопартиец Арбен Таравари. Насилството не е решение. Полициските органи нека го решат случајот и нека ги изведат виновниците пред лицето на правдата. Толку леб сме изеле заедно што мораме да си го одржуваме достоинството пред членовите на семејството“, истакна Кренар Лога.
Целата оваа борба во АА се случува поради разликите за тоа како партијата ќе оди на избори.
