Курти ги поканува граѓаните да останат смирени – „Меѓународниот фактор да не мижи пред провокациите од Србија“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Изгоре Центарот за регистрација на возила во Зубин Поток. Пожарот доаѓа шест дена откако почнаа протестите не Србите против реципроцитетот за регистарските таблички воведен од Владата на Косово.

Косовскиот премиер, Албин Курти кој денеска беше во Скопје, ги нарече криминални групи лицата кои предизвикуваат немирите во северот на Косово, а рече дека намерно се  предизвикани пожарите во Зубин Поток и Звечан. Смета дека тие се поттикнати и поддржани од српскиот режим. Коментирајќи ги нападите, Курти ја пофали косовската полиција и заедниците без разлика на етничката припадност за покаженото трпение кон постојаните провокации.

„Намерно предизвиканите пожари кои се случија малку по полноќ се доказ што би се случило во граничните премини 1 и 31 доколку таму не беше присутна Специјалната единица. Блокирањето на патиштата не се случува од нашата полиција, ниту слободниот тек не се попречува од нашата полиција“, истакна Албин Курти.

Курти бара меѓународната заедница да реагира.

„Меѓународната заедница, меѓународниот фактор не треба да мижи пред поттикот кон одредени косовски граѓани од страна на српскиот режим за да  и се спротивстават и борат против нашата држава“, додава Албин Курти.

Потпретседателката на Демократската партија на Србија, Драгана Ракиќ, смета дека Вучиќ ги урнал односите кон сите соседи на Србија.

„Секогаш има решение но на нас ни се потребни мудри политичари кои ќе донесат одлуки кои се во интерес на граѓаните. Од Александар Вучиќ не можеме да очекуваме некаков мировен договор со соседите. Јас сметам дека Србија никогаш не била во полоша состојба во меѓу соседските односи, во не добри односи што е невозможно и со Црна Гора и со Хрватска“, вели Драгана Ракиќ.

Веќе шест дена Србите протестираат на граничните премини со Србија, во Јариње и Брњак по воведувањето на мерката за реципроцитет за регистарските табли од косовската влада.