Курти го одби учеството на „Отворен балкан“ Влада на РСМ: Бенефитите треба да ги уживаат и граѓаните на Косово

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот на Косово, Албин Курти ја одби поканата на премиерот Димитар Ковачевски за учество на Самитот на „Отворен Балкан“ кој овојпат ќе се одржи во Охрид на 7 и 8 јуни. Во својот одговор, Курти пишува дека Косово очекува регионална соработка базирана на начелата на еднаквост и дека за таа цел е посветена на Берлинскиот процес. Но, како што додава, токму во Берлинскиот процес, Србија бара нееднаков третман за граѓаните на Косово и го блокира секој договор во рамките на Заедничкиот регионален пазар.


-Имајќи ги предвид заедничките вредности меѓу нашите две земји, во наш интерес е да работиме заедно во спречување на Србија да го промовира својот руски и кинески интерес во нашиот регион, постојано негирајќи ја независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово и блокирајќи ги еднаквите можности за граѓаните на Косово, вели Курти.

А, кога сме кај промовирањето на руските интереси во регионот преку Србија, што ги спомна Курти, вреди да се истакне дека ден пред да допатува во Охрид за „Отворен Балкан“, српскиот Претседател, Александар Вучиќ во Белград ќе го пречека шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров. Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова потврди дека Лавров ќе ја посети Србија на 6 и 7 јуни.
Во однос на одбивањето на Курти да учествува на самитот за „Отворен Балкан“, од Владата на РСМ, за ТВ21 велат дека и граѓаните на Косово треба да ги уживаат придобивките кои според нив ги носи оваа иницијатива.


-„Отворен Балкан“ има и ќе има постојана политика на отворени врати. Иницијативата постои заради економски бенефити за граѓаните при што истите треба да ги уживаат и граѓаните на Косово како неизоставен дел од регионот Западен Балкан, велат од Владата.


Инаку, премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, потврди дека ќе присуствува на следната средба за „Отворен Балкан“. За време на една активност во Подгорица, Абазовиќ рече дека Црна Гора не ѝ се приклучила на иницијативата, но во минатото учествувала на средбите само како набљудувач. И претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, го потврди своето присуство на Самитот во Охрид.