По состанокот на Советот за безбедност на Косово, премиерот Албин Курти и министерот за внатрешни работи Џељал Свечла се појавија пред новинарите каде појаснија дека киднапирањето на тројца косовски полицајци од страна на Србија се случило на територијата на Косово. Курти ова го покажа и со мапа, локацијата каде се случило киднапирањето на полицајците.
„Тоа е на 1 км, 300 метри и 670 метри од границата, длабоко на територијата на Косово.“, изјави Курти.
Дополнително, Курти и Свечла покажаа дека патот од таа страна е отсечен, па не можеле да поминат ниту покрај полицијата.
„Јасно се гледа дека не можеле понатаму, како што тврди Србија, дека отишле во Србија и таму биле уапсени. Значи не се работи за апсење во Србија, туку за киднапирање на Косово.“, вели Курти.
Друг доказ за тоа каде се случило киднапирањето, според Курти, се алатките пронајдени на местото на настанот, како што се пластичните лисици, но тој додаде дека изненадувачки, КФОР не излегува да го потврди тоа.
„Она што и понатаму ме зачудува е фактот дека и следниот ден со оваа вистина што ви ја презентираме, КФОР не излегува официјално.“, рече Курти.
Курти бара итно ослободување на киднапираните полицајци на РКС, а од меѓународната заедница побара да го осуди чинот на српска агресија.
„Србија не се смени во целите, мотивите и апетитите, не е дека не изненадува со своето однесување, она што е чудно е молкот и толеранцијата на меѓународните фактори кон акциите на Србија, која постојано бара изговори за ескалација и дестабилизација“, вели Курти.
Како реакција на криминалните дејствија на Србија, Курти рече дека косовските безбедносни институции го зголемиле нивото на подготвеност.
„Од безбедносни причини, како непосреден и неопходен чекор, засилени се граничните контроли со Србија, со што се ограничува циркулацијата и се зголемуваат контролите на возилата кои доаѓаат од Србија, особено на транспортните“, напомена Курти.
Министерот за внатрешни работи Џелал Свечла акцијата на Србија ја нарекува одмазда за апсењето на криминалецот Милун Миленковиќ – Луне. Свечла на утринската конференција рече дека не се знае каде се чуваат тројцата косовски полицајци и дека се подготвени да дадат се од себе за нивно враќање.
„Владата на Косово е мобилизирана да соработува со меѓународната заедница за да го има потребниот притисок врз Србија овие тројца полицајци да се вратат на Косово.“, изјави Свечла.
Двете формации кои влегле на територијата на Косово, според Курти и Свечла, се српската специјална антитерористичка единица и специјалната воена единица „Кобри“.
