Од СДСМ денеска преку прес-конференција реагираа на последните јавни настапи и изјави на поранешниот премиер Никола Груевски, кој се наоѓа во бегство во Унгарија, како и на политичките пораки од актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
Портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, порача дека Груевски мора да одговара пред законот, а како што рече, истата одговорност во иднина ќе ги стигне и, како што ги нарече, „Мицкоски и неговата банда“.
Кузеска истакна дека Груевски повторно се огласува од Унгарија и, според неа, се обидува да влијае врз институциите и обвинителствата со тоа што дава насоки што треба да се истражува. Таа оцени дека сличен пристап има и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој, како што рече, „наредува“ од собраниската говорница и преку медиумски настапи.
„Тој манир го имаат сите од ВМРО – ОКГ. Иста матрица, исто школо“, изјави Кузеска.
Според неа, суштината на проблемот е во тоа што, како што рече, криминалот мора да биде санкциониран, а одговорните за злоупотреби да се соочат со правдата.
„Криминалецот мора да биде приведен пред правдата и да одговара за делата што ги сторил“, порача таа.
Кузеска додаде дека, според СДСМ, практиките од минатото, поврзани со корупција, тендери и злоупотреба на институции, продолжуваат и денес, што, како што оцени, ја чини државата економски, но и ја засега иднината на младите генерации.
Таа се осврна и на, како што го нарече, системот на селективна правда, наведувајќи дека однесувањето на Груевски и неговите политички наследници покажува континуитет на исти политички практики.
„Токму тој систем Мицкоски го продолжува“, изјави Кузеска, обвинувајќи за партизација на институциите.
Од СДСМ порачаа дека Македонија мора да продолжи по европскиот пат, со институции ослободени од политички влијанија и корупција.
„СДСМ еднаш веќе ја ослободи Македонија од оваа криминална група и повторно ќе го стори тоа“, порача Кузеска.
