Се надевам дека до крајот на француското претседателство со Европската унија ќе има позитивни резултати бидејќи ниту една земја не може да го држи во заложништво процесот на проширување на Европската унија. Ова го истакна министерот за надворешни работи на Литванија Габриелиус Ландсбергис, кој оцени дека од тоа зависи и кредибилитетот на Европската унија.
„Ниедна земја не може да го држи целиот пристапен процес, целиот принцип на политика на отворени врати во заложништво. Веројатно не постои подобро време кога нашите европски вредности биле поставени на тест и ние сме на крстопат кога можеме или да се срушиме, да изгубиме кредибилитет или да излеземе посилни“, вели Ландсбергис.
Голем дел од членките на Европската унија се сензитивни на внесувањето на билатерални прашања во преговарачката рамка, вели шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, по засилените најави на Бугарија дека нема да ги одобри преговорите на Македонија со Европската унија доколку не бидат вметнати Бугарите во Уставот, а тоа да го гарантира ЕУ.
„Мислам дека земјите членки се многу свесни дека тоа што би влегло во преговарачката рамка создава и преседани кои што потоа треба да се следат, што значи не е само во прашање нашата преговарачка рамка туку каков ќе биде понатаму процесот на проширување. Топката веќе не е во нашиот двор, топката е во Софија и во Брисел. Дали тие ќе одлучат да преземат стратешко лидерство во овие моменти или не е нивно и нивна одговорност ако биде или не биде“, вели Османи.
Минатата недела бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска а воедно и европратеникот Илхан Ќучук вели дека Бугарија може да ја тргне блокадата доколку се дадат гаранции од Европската унија дека во преговарачката рамка ќе влезе и заштита на правата на Бугарите во Македонија.
