Лекарите немаат унифициран анти-ковид протокол, Мехмедовиќ: Протоколите треба да се преточат во закон со потпис на Филипче

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За една недела 192 лица починаа од Ковид-19 во земјава. Само вчера битката со коронавирус ја загубија 41 пациент. Поради овие бројки, Северна Македонија е една од земјите со највисока стапка на смртност во Европа. Зошто е тоа така и кои се причините, побаравме одговор од лекарот Злате Мехмедовиќ. Тој вели дека главната причина за големиот број смртни случаи е тоа што лекарите не работат според унифициран протокол за лекување на заразените пациенти. Тој предлага протоколот или упатството за третирање на Ковид-19 да се донесе како закон и да се објави во „Службен весник“.

Здравствените власти пак, вината им ја префрлаат на пациентите, бидејќи како што велат, доцна се обраќаат за помош болница, па поради тоа нивната состојба се влошува. Анти-ковид вакцината е единственото решение за намалување на бројот на починати, додава Мехмедовиќ. Тој смета дека граѓаните кои не развиле имунитет по две примени дози, треба да се вакцинираат и со трета. 

За разлика од претходните недели, неделава бројот на заразени на светско ниво бележи пад од 8%, а за среќа и бројот на смртните случаи е намален за 3%. Во некои држави има намалување на заразени и починати, но некои пак бележат пораст. На светско ниво има над 4 милиони починати од коронавирус, а вакцинирани се над 5 милијарди лица.