Лекот Трикафта им го направи животот магичен на 12 пациенти – Гаспар: Работите се одвиваат бавно за другите пациенти

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кај 12-те пациенти со цистична фиброза кои го примаат лекот Трикафта, има големи промени во здравствената состојба уште од првиот ден од терапијата. Фики Гаспар претседател на Асоцијацијата за цистична фиброза и еден од пациентите кои се лекуваат со Трикафта, во интервји за МИА, ги опиша промените во неговиот живот. Вели дека веќе нема потреба од терапија со кислород и состојбата ја опиша како магична.

Гаспар потсети на ветувањето на премиерот дека сите пациенти ќе го имаат лекот на располагање, и е убеден дека истото ќе го исполни. Предвидено е до крајот на годината минимум 30-40 пациенти да ја добијат терапијата, но постапката се одолговлекува, вели Гаспар.

Во земјава во моментов има 140 пациенти со ова ретко заболување, затоа и останатите пациенти бараат владата да им овозможи, како што велат, да живеат.

Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека при министерството формирана е Комисија токму за пациентите со оваа ретка болест која ќе ја забрза постапката за обезбедување на лекот.

„Верувајте не постоеше комисија за цистична фиброза, ние пред три недели формиравме комисија од сите страни, плус повикавме и претставници од организацијата за цистична фиброза. Ги разгледуваме сите процедури и можности овој проблем еднаш засекогаш да се реши“, вели Фатмир Меџити.

Од Асоцијацијата за пациенти со цистична фиброза соопштија дека има пациенти кои се во критична фаза на кои само 40% им функционираат целосно.