„Лична карта и возачка дозвола на телефон“ – Андоновски најавува дека апликацијата ќе биде промовирана во октомври

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, најави дека во октомври официјално ќе биде промовирана новата мобилна апликација m.Uslugi, преку која граѓаните ќе можат да ги користат личните документи во дигитална форма и да пристапуваат до електронски услуги.

„Официјално можам да најавам дека во октомври ќе организираме настан на кој ќе ја промовираме мобилната апликација m.Uslugi. Во неа ќе бидат достапни електронските верзии на личната карта и возачката дозвола, како и две електронски услуги за граѓаните“, изјави Андоновски за Канал 5.

Од Министерството за дигитална трансформација посочуваат дека преку m.Uslugi граѓаните ќе можат на едно место да ги имаат своите лични документи во дигитална форма, но и да пристапуваат до електронски услуги на државната администрација.

Целта е државните услуги да станат подостапни и поедноставни за користење, директно преку мобилниот телефон.

Андоновски нагласи дека во изминатиот период интензивно се работело на прашањата поврзани со сајбер-безбедноста, заштитата и начинот на чување на личните податоци, како и нивната размена со Министерството за внатрешни работи, кое е сопственик на податоците.

„Во завршна фаза сме на усогласување и потпишување на протоколот за размена на податоци, како и на тестирање на апликацијата. Сакаме, пред да биде достапна за сите, да бидеме сигурни дека системот е стабилен, безбеден и едноставен за користење“, рече Андоновски.

Апликацијата ќе биде достапна преку App Store и Google Play, а тест-верзијата досега ја презеле околу 6.000 граѓани.

Следниот чекор во процесот на дигитална трансформација, според најавите, е мобилниот телефон постепено да се претвори во дигитален паричник, преку кој граѓаните безбедно и едноставно ќе имаат пристап до своите документи и државните електронски услуги.