Личната карта и возачката дозвола на мобилен телефон – од утре почнува користењето на апликацијата „М-Услуги“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Личните документи се префрлаат на мобилните телефони. Преку новата апликација „М-Услуги“, од утре граѓаните ќе можат да имаат дигитална верзија, како и пристап до електронските државни услуги. Во првата фаза тоа ќе бидат личната карта и возачката дозвола. Документите нема да бидат само фотографии од пластичните картички, туку електронски документи поврзани со официјалните државни регистри.

-Во периодот што следува, таа ќе се унапредува, ќе се проширува и ќе се менува. Ова треба да се сфати како почеток на сериозно приближување на државата, која треба да им се приближи на мобилните телефони на граѓаните, изјави Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.

Премиерот Христијан Мицкоски очекува новата мобилна апликација „М-Услуги“ да им го олесни на граѓаните пристапот до јавните услуги, да го намали административниот товар и да го скрати времето потребно за завршување на постапките.

-Треба да се движиме во чекор со современите текови на човештвото и како Влада продолжуваме да одиме по овој пат, а овој пат нема траекторија наназад, туку само напред, со повеќе услуги, поедноставен живот и намалување на стресот и предизвиците со кои граѓаните се соочуваат секојдневно, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Амбасадорот на ЕУ во Скопје, Михаилис Рокас рече дека апликацијата е безбедна и ја штити приватноста, а ќе им служи на лицата кои патуваат поради работа и на студентите во земјите на ЕУ.

-Голема придобивка е тоа што е признаена прекугранично, што е многу важно, бидејќи е создадена да функционира во сите земји членки на ЕУ. Таа е многу корисна за лицата кои студираат, работат или имаат работни активности во различни земји на ЕУ. Е-паричникот се темели на приватноста и безбедноста, вели евроамбасадорот Михалис Рокас.

Апликацијата е бесплатна и ќе биде достапна за корисниците на телефони со Android и iPhone. Официјалното користење на електронскиот паричник е најавено од 29 октомври, а неговото користење нема да биде задолжително. Граѓаните кои не сакаат да ја користат апликацијата ќе можат да продолжат да ги користат физичките документи.

По преземањето на апликацијата „М-Услуги“, корисникот ќе треба да се идентификува преку својот електронски идентитет. Апликацијата е поврзана со Националниот портал за електронски услуги, uslugi.gov.mk, по што корисникот ќе може да ги додаде поддржаните лични документи во својот дигитален паричник.