Локалите узурпираат јавни површини во Кичево – пазарниот инспекторат и ја префрла вината на полицијата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Преку лето во Кичево локалите и продавачите ги узурпираат тротоарите. Со тоа се отежнува движењето на пешаците кои се принудени да одат по улица каде што поминуваат автомобили. Овој проблем во Кичево е присутен со години. Неколку локали кои ја забележаа екипата на ТВ21 на терен, ги тргнаа масите кои беа поставени на тротоар. Градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари рече дека поради пандемијата со Ковид-19 ги повлекол даноците за локалите но како што рече, тие го злоупотребуваат тоа и поставуваат маси на тротоар. Тој упати апел сопствениците да внимаваат со узурпирањето на јавните површини.

„Ние одлучивме да не се оданочуваат барем оваа година и да се продолжи да се следи состојбата. И јавните површини кои се користат од локалите, било тие во кои се служи храна или кафетериите, да не се оданочуваат. Упатувам апел сега да го искористам моментот, да внимаваат и да не го узурпираат јавниот имот, значи не безгранично“, вели Фатмир Дехари.

ТВ21 го контактираше Пазарниот инспекторат во Кичево, но од таму одбија да одговорат во врска со узурпацијата на јавните површини. Тие велат дека не се одговорни за тоа и дека престанале да одговараат на новинари бидејќи според нив овие информации за узурпација на јавни површини, не се јавни. Тие прстот го вперија кон полицијата. ТВ21 го контактираше и СВР Охрид. Од таму ни рекоа дека не секогаш полицијата треба да ја врши и работата на инспекторите, туку дека во соработката треба да се постават правила.

„Полицијата на своја иницијатива и во соработка со пазарните инспектори врши контрола за узурпација на јавни површини. Во случај да полицијата забележи узурпација на јавна површина, се прави соодветна пријава за узурпираниот простор“, велат од СВР Охрид.

Броевите со префикс на Пазарниот инспекторат во Кичево и Гостивар не се во функција. Неколку пати се обидовме да ги контактираме во текот на денот, но безуспешно.