Преку електронскиот систем за аплицирање за годишниот конкурс за културни проекти за 2026 година, примени се 2.618 апликации, објави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој ги презентираше резултатите од конкурсите и нагласувајќи дека овој број покажува интерес и доверба во системот.
„Ова се проекти што ќе ја збогатат културната понуда, ќе отворат простор за нови креативни изрази и ќе придонесат за меѓународна афирмација на македонската култура. Интересот што годинава го покажаа уметниците и културните организации за годишниот конкурс е јасна потврда дека нашата културна сцена е динамична, иновативна и подготвена за творење. Годишната програма за културни проекти за 2026 година е важен чекор напред и доказ дека културата не ја гледаме како трошок, туку како стратешка инвестиција во нашиот национален идентитет, креативниот потенцијал на луѓето и иднината на општеството како целина“, рече Љутков.
Министерот објави дека се зголемени средствата за неколку активности, со фокус на квалитетот, квантитетот и правичниот развој на културата. Според него, посебно внимание е посветено на современата креативност, меѓународната соработка и креативните индустрии, области кои не само што носат културна вредност, туку и значаен економски потенцијал.
„Особено е важно во 2026 година да продолжиме со систематско зајакнување на националните институции“, рече Љутков и најави дека откако минатата година моделот на делегиран буџет првпат беше имплементиран за 18 национални институции како пилот-проект, оваа година моделот ќе биде проширен на 28 национални институции поради позитивното искуство.
„Овој модел е конкретен чекор кон поголема автономија, поефикасно управување со програмските средства и кон јасна одговорност и отчетност“, нагласи министерот за култура и туризам.
