Одбележувањето на јубилејот „80 години од доселувањето на Македонците во Војводина“ претставува значаен историски и културен настан, порача министерот за култура и туризам Зоран Љутков на свечената академија што се одржа во Нови Сад.
Љутков, кој е дел од македонската владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, истакна дека јубилејот е потврда за придонесот што Македонците во Србија го даваат во развојот на мултикултурното општество.
„Ова е значаен момент и јубилеј, и од историски и од културен аспект“, изјави министерот, додавајќи дека македонската заедница во Војводина успешно го зачувува својот јазик, култура и традиција низ генерациите.
Според него, Македонците кои живеат во Војводина имаат важна улога во општествениот и културниот живот на Србија, истовремено негувајќи силни врски со своите корени и национален идентитет.
Љутков оцени дека присуството на премиерите на двете земји, Христијан Мицкоски и Ѓуро Мацут, претставува дополнителна потврда за пријателските односи и успешната соработка меѓу Северна Македонија и Србија.
Тој посочи дека културната соработка меѓу двете држави континуирано се продлабочува преку заеднички проекти и иницијативи. Во таа насока, информираше дека е во тек подготовка на Националната стратегија за малцинствата за периодот 2025–2030 година, во која културата има значајно место.
Министерот потсети и на отворањето на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, чија цел е долгорочно да ја поддржува македонската заедница преку реализација на културни програми и настани.
Во рамки на чествувањето на јубилејот во Нови Сад беа организирани повеќе културни содржини, со учество на македонски национални установи, ансамблот „Танец“, пејачката Александра Јаневска и хорови од основните училишта во градот.
