Културата и туризмот во изминатите две години поминале низ процес на стабилизација, системски реформи и зголемени инвестиции, порача министерот за култура и туризам Зоран Љутков, презентирајќи го отчетот за работењето на Министерството.
На прес-конференција во Владата, Љутков истакна дека главниот фокус бил ставен на долгорочни решенија, стратешко планирање и создавање услови овие две области повторно да имаат значајна улога во развојот на државата.
Според него, по преземањето на функцијата во 2024 година бил наследен долг од 273 милиони денари по основ на плати во националните и локалните установи, како и систем без јасно поставени стратешки насоки. Со ребалансот на Буџетот, како што информираше, биле обезбедени средства за надминување на обврските, дополнителни 71 милион денари за програмски активности и над 78 милиони денари за инфраструктурни проекти во општините.
Љутков посочи дека во завршна фаза се повеќе национални стратегии – за развој на културата, културното наследство и туризмот, а паралелно се подготвуваат законски измени во повеќе области.
Како една од клучните промени го издвои воведувањето на моделот на делегиран буџет во националните установи, кој годинава се применува во 28 институции и, според него, овозможува поголема автономија и поефикасно управување со средствата.
Во делот на финансирањето, министерот нагласи дека средствата за Годишната програма во културата се зголемени од 768 милиони денари во 2023 година на 1 милијарда и 71 милион денари во 2026 година. Истовремено, сопствените приходи на националните установи, како што рече, се зголемени за повеќе од 150 проценти.
Во изминатиот период реализирани се 320 нови вработувања и 35 унапредувања во националните установи, а воведен е и конкурс за мобилност преку кој културните работници добиваат можност за усовршување во странство.
Министерот се осврна и на креативните индустрии, каде по седум години повторно бил реализиран конкурс, преку кој биле поддржани 108 проекти. Обновен е и откупот на ликовни дела, при што биле откупени 37 дела од македонски автори.
Во филмската дејност, буџетот на Агенцијата за филм е зголемен од 100 милиони денари во 2024 година на 187 милиони денари во 2026 година, а најавени се и нови механизми за поддршка на домашната продукција.
Љутков информираше дека капиталните инвестиции во културата се зголемени од 230 милиони денари во 2023 година на 485 милиони денари во 2026 година. Во тек се проекти како реконструкцијата на Македонскиот народен театар, Универзалната сала, киното „Партизан“ во Битола, Театарот во Струмица и други културни објекти.
Посебен акцент беше ставен и на заштитата на културното наследство преку инвестиции во археолошки локалитети, реконструкција на споменици на културата и воспоставување дигитален регистар на културното наследство.
Во областа на туризмот, министерот посочи дека буџетот е зголемен од 58 милиони денари во 2023 година на 186 милиони денари во 2026 година. Отворени се нови туристички пазари, а во завршна фаза е Националната стратегија за развој на туризмот.
Според Љутков, од 98 проекти и мерки предвидени во Владината програма, 73 се реализирани или се во тек, што претставува исполнетост од 72 проценти.
„Ова не е само отчет за две години работа. Ова е доказ дека со визија, одговорност и системски пристап се поставуваат темели за посилни институции, подобро заштитено културно наследство, поконкурентен туризам и одржлив развој“, порача Љутков.
