Министерот за култура и туризам Зоран Љутков вечерва во Брисел порача дека македонската култура претставува „жива ризница на духот“, во која се испреплетуваат традицијата, истрајноста и идентитетот на народот. Тој се обрати пред почетокот на концертот на Оркестарот за џез-музика, во рамки на манифестацијата Денови на македонската култура во Белгија.
Во своето обраќање, Љутков истакна дека културата ја отсликува душата на народот – преку зборот, песната и уметноста, кои ја пренесуваат колективната меморија низ генерациите. Тој нагласи дека токму преку вакви настани, македонската култура се претставува пред меѓународната јавност како жива и современа, но и длабоко вкоренета во традицијата.
Министерот се осврна и на значењето на Ден на македонскиот јазик, потенцирајќи дека јазикот е носител на идентитетот и не се мери со бројот на говорници, туку со љубовта, вербата и силата што ја носи. Повика на негово негување и зачувување како културно наследство што се пренесува од генерација на генерација.
Тој ја оцени манифестацијата како повеќе од обична културна програма, нагласувајќи дека станува збор за платформа која отвора можности за нови соработки и меѓукултурен дијалог, со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Во рамки на програмата, како што информираше, публиката во Белгија има можност да проследи различни уметнички содржини – од балетската изведба на „Лебедово езеро“ во Антверпен, до филмската проекција на Исцелител во Брисел. Дополнително, во Европски парламент ќе бидат изложени и теракотните икони од Виничко Кале, како сведоштво за богатото културно наследство на земјата.
Со пораката дека македонската култура создава, дарува и трае, Љутков нагласи дека ваквите настани се важен чекор кон афирмација на националниот идентитет на меѓународната сцена.
