Љутков: Секогаш ќе ми фали мојата професија!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во гостување на „Клик Плус“ на ТВ21, зборуваше за своето искуство во културниот сектор, предизвиците во минатото и состојбата во институциите денес.

Тој истакна дека во одреден период бил разочаран од начинот на функционирање на системот во културата, особено за време на пандемијата со коронавирусот, кога, како што рече, културните работници биле ставени на маргините.

„Бев разочаран како функционира целиот систем во културата, посебно за време на коронакризата, кога бевме оставени на страна и немаше јасен план како да се функционира“, изјави Љутков.

Тој додаде дека во тој период дури и не чувствувал потреба за враќање во професијата, но дека состојбата подоцна се променила.

Според него, со зголемување на буџетите за институциите во културата, кои, како што наведе, се зголемени за 50 до 60 проценти, се забележува и поголема активност и интерес.

„Кога гледав колку премиери се реализираат, колку публика има и каква е сликата на терен, особено во Велес на фестивалот ‘Петре Прличко’, кога имаше стотици метри ред за билети, тогаш повторно се враќа желбата“, рече министерот.

Тој нагласи дека ваквите сцени претставуваат мотив за поголема посветеност и развој на културниот сектор.