Маглата во Скопје предизвика доцнења и откажан лет на аеродромот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Променливата временска состојба денеска предизвика проблеми на Меѓународниот аеродром во Скопје. Поради густата магла во котлината, дел од летовите се со задоцнување, а еден лет е целосно откажан.

Временските услови влијаат на слетувањата и полетувањата, што создава дополнителни предизвици за патниците и авиокомпаниите.

Најголемо доцнење во пристигнувањата е регистрирано кај летот на „Пегасус“ од Истанбул (Сабиха Гокчен). Летот на „Виз Ер“ од Дортмунд ќе пристигне со задоцнување од 30 минути, додека летот на „Аџет“ од Истанбул е откажан. Летовите од Нирнберг, Фридрихсхафен и Виена засега се реализираат според редовниот распоред.

Доцнења се забележуваат и кај полетувањата од Скопје. Летот на „Виз Ер“ за Париз е одложен за 35 минути и ќе полета во 13:00 часот, додека летот на „Туркиш Ерлајнс“ за Истанбул ќе полета со задоцнување од еден час и 20 минути, односно во 14:20 часот.

Патниците се советуваат да ја следат најновата информација од аеродромот и авиокомпаниите пред своето патување.