Одморот почна во „прва брзина“: Богородица повторно под притисок од летниот бран туристи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Патот кон грчките плажи и овој викенд за многумина започна со чекање наместо со одмор. На граничниот премин Богородица кон Грција повторно се формираат долги колони возила, а дел од патниците пријавија задржувања што достигнувале и до четири часа за преминување на границата.

Зголемениот број туристи, почетокот на летната сезона и засилената фреквенција на возила од Македонија и регионот создадоа сериозен притисок врз преминот Богородица–Евзони, каде уште од утринските часови се бележи интензивен сообраќај. Според сведоштва на патници, колоните се протегале со километри, а движењето било бавно и со повремени застои.

Сепак, подоцна утрово, како што може да се види од фотографијата од камерите на граничниот премин, гужвата беше малку расчистена откако беа отворени дополнителни ленти за премин на возилата.

Иако ваквите сцени се речиси редовна слика на почетокот на летната сезона, годинава првиот посилен туристички бран повторно го отвори прашањето за капацитетот на премините кон Грција во деновите кога илјадници патници тргнуваат на одмор во исто време.