Мајски студ ги погоди лозјата и овоштарниците во Росоман

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ниските температури во мај предизвикаа штети врз виновите лози и овошните насади во општина Росоман, потврди попладнево градоначалникот Ѓорѓи Крстевски за МИА.

Според него, најпогодени се пониските делови од општината, каде што веќе се забележани значителни последици врз земјоделските култури.

„Има делумни штети, особено во долните реони. Состојбата внимателно се следи, а првичните информации укажуваат на поголеми оштетувања кај лозјата и овошките“, изјави Крстевски.

Тој посочи дека општината е во постојана координација со Советот, како и со надлежните институции, при што веќе се известени Министерството за земјоделство и ресорниот министер.

Доколку се потврдат посериозни штети на терен, во понеделник ќе биде свикана општинската комисија за земјоделство, со можност за формирање стручна комисија за проценка на штетите.

Крстевски нагласи дека ваква појава не памети досега, оценувајќи дека е невообичаено ниски температури во мај да предизвикаат штети врз лозови и овошни насади.