Во време кога целиот свет и помага на Турција по страшниот земјотрес, таму се и спасувачките екипи од Македонија. ППЕ Тетово вчера пристигна во Адијаман Турција. Од таму командантот на ППЕ Тетово, Авни Ахмети, за ТВ21 пренесува со каква состојба се соочиле таму.
„Состојбата е катастрофална, како што гледате зад мене, целиот град е урнат. Правиме напори од вчера и денеска за да најдеме преживеани под урнатините“, вели Авни Ахмети.
Пожарникарите од Македонија работат заедно со нивните колеги од Франција. Ахмети речи дека продолжува потрагата по живот, но времето е критично.
„Всушност објектот зад мене е целосно урнат, имал околу 100 жители и од вчера и сега извлековме само трупови. Се обидуваме да пристапиме до пошироките простории за да имаме можност да спасиме некого“, додава Авни Ахмети.
Во градот Кахраманмараш се наоѓа нашата војска. Екипата од 36 припадници го дава својот максимум за да ги спаси преживеаните кои се наоѓаат под урнатините.
„Го даваме својот максимум со надеж дека ќе спасиме живот и ќе извлечеме преживеани од под урнатините. Ќе останеме тука колку што е потребно и на професионален начин ќе продолжиме да ги извршиме задачите со единствена цел и надеж дека ќе спасиме што повеќе луѓе“.
Радосен момент од Хатај доаѓа и од косовските безбедносни сили кои вчера спасија мајка заедно со двегодишна ќерка. Од радоста, секој војник кој ја носеше в раце ја бакнуваше.
Спасувачкиот тим од Албанија се наоѓа во Малатја, Турција кои успеаја да спасат 5 годишно дете.
„Моментално сме во оперативната зона каде за жал извлековме три тела. Нашите сили моментално имаат многу надеж. Единственото нешто кое претставува пречка засега се ниските температури“.
Во погодените региони во Турција пристигнаа и спасувачките екипи од Дирекцијата за заштита и спасување, а пожарникарите од Струмица се стационирани во регионот на Адана во Турција.
