Македонија доби 65,7 милиони евра од ЕУ, еве како и за што треба да бидат искористени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европската комисија денеска стави на располагање 49 милиони евра за Албанија, 44,2 милиони евра за Црна Гора и 65,7 милиони евра за Македонија во рамки на Инструментот за реформи и раст. Исплатата следува по третото барање за плаќање и позитивната оценка од Европската комисија за спроведените реформски чекори во секоја од земјите.

Со денешната исплата, вкупниот износ што Македонија го добила преку овој инструмент достигнува 142,1 милион евра.

За Македонија, Европската комисија оценила реформи поврзани со подобрување на финансирањето на основното и средното образование, како и мерки за проширување на пристапот до дигитална инфраструктура и ИТ-опрема во училиштата.

Од вкупно одобрените 65,7 милиони евра, 30,6 милиони евра ќе бидат префрлени директно во државниот буџет, додека останатите средства ќе бидат наменети за инвестициски проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), по завршување на процедурите за одобрување.

Средствата што ќе се реализираат преку WBIF ќе бидат насочени кон инфраструктурни проекти во одржлив транспорт, чиста енергија, дигитализација и развој на човечки капитал. Проектите ќе се спроведуваат во соработка со земјите од Западен Балкан и меѓународни финансиски институции.

Планот за раст за Западен Балкан

Планот за раст за Западен Балкан, усвоен во 2023 година, има цел да им овозможи на земјите од регионот дел од придобивките од членството во Европската Унија уште пред официјалното пристапување.

Преку овој план се предвидува интеграција на земјите од регионот во единствениот европски пазар, зајакнување на регионалната економска соработка, продлабочување на реформите поврзани со ЕУ и зголемување на претпристапната финансиска поддршка.

Финансискиот инструмент што го поддржува Планот за раст располага со вкупен буџет од 6 милијарди евра. На секои шест месеци земјите поднесуваат извештаи за напредокот на реформите што се спроведуваат со поддршка од овој инструмент.

Според Европската комисија, најновата исплата се однесува на третата шестмесечна фаза на известување, која ги опфаќа реформите реализирани до крајот на декември 2025 година. Вкупната сума исплатена преку овој инструмент од 2024 година досега изнесува 673,6 милиони евра.

Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), која постои веќе 15 години, има клучна улога во реализацијата на Планот за раст и управува со околу 3 милијарди евра грантови и заеми наменети за транспорт, енергетика, дигитализација и развој на човечки капитал.