Корисниците на Google Maps наскоро ќе добијат поажурен и подетален приказ на Македонија, откако Google најави обемно обновување на снимките за Street View низ целата земја. Проектот ќе опфати околу 13.000 километри патна мрежа, со нови панорамски фотографии од градови, населби, туристички места и природни знаменитости.
Обновувањето ќе ги опфати Скопје, Охрид, Битола, Куманово, Прилеп, Тетово, Штип, Велес, Струга, Струмица и повеќе други населени места. Новите снимки ќе им овозможат на граѓаните, туристите и бизнисите полесно да се снаоѓаат, да планираат патувања и да добијат пореален приказ на локациите што сакаат да ги посетат.
Во рамки на освежувањето ќе бидат прикажани и бројни препознатливи знаменитости, меѓу кои Скопската тврдина, Аквадуктот, Камениот мост, Мостот на уметноста, како и природните убавини на Охридското Езеро, кое е дел од светското наследство на УНЕСКО.
Со новите панорамски снимки, корисниците ќе можат виртуелно да ги разгледуваат улиците, населбите и туристичките дестинации пред да ги посетат, што ќе придонесе за подобра ориентација и полесно планирање на маршрутите.
Од Google нагласуваат дека приватноста останува приоритет. Лицата на луѓето и регистарските таблички на возилата автоматски се замаглуваат, а секој корисник може дополнително да побара замаглување на одредена фотографија преку опцијата „Report a problem“.
За користење на Street View, потребно е во Google Maps да се избере саканата локација, а потоа жолтата икона „Pegman“ да се повлече на означените сини улици, по што се отвора панорамскиот приказ.
