Македонската фудбалска репрезентација се наоѓа на два чекора од историски пласман на Европското првенство. Првата пречка на патот кон евро-шампионатот за избраниците на селекторот Игор Ангеловски ќе биде националниот тим на Косово.
Ова ќе биде дуел од полуфиналето на плејофот во Лигата на нации на две репрезентации кои ги освоија првите места во своите групи во Д-сегментот.
И двете репрезентации ќе настапат ослабени без неколку свои фудбалери од првиот состав поради актуелната состојба со пандемијата на коронавирус.
Кај Македонија ќе го нема Елиф Елмас, додека кај Косово проблемите се далеку поголеми. Таму ќе отсуствуваат најдобриот голгетер Ведат Муричи кој игра за Лацио, потоа Амир Рахмани од Наполи, како и Милот Рашица од Вердер Бремен.
Пандемијата е причина и за отсуството на публика, а МВР забрани и групно следење на натпреварот од страна на навивачките групи.
Средбата е закажана за вечер со почеток во 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
