Вчера македонското МНР испрати вербална нота, а денеска нови провокации од Бугарија за време на првата седница од 48. Народно Собрание.
„Должни сме да го заштитиме бугарскиот национален интерес во втората бугарска држава во Европа, Македонија или како што е од скоро Северна Македонија“, вели Костадин Костадинов.
Се бара и враќање на ветото за Македонија на патот кон ЕУ.
„Ние од БСП не го поддржавме решението на парламентот за давање зелено светло за членство на РСМ во ЕУ. Имавме свои аргументи. Гледате ли што се случува последните денови, недели, месеци? Во името за заштита на бугарскиот народ предлагаме декларација, која парламентот ќе треба да ја одобри, со која ќе го осудиме јазикот на омразата, агресијата, понижувањето на бугарското знаме и симболи, химната и бугарскиот народ“, порача Корнелија Нинова.
Поддршка за идејата добија и од партијата на Слави Трифунов, кој пак не обезбеди ниту еден пратеник во 48. Собрание на Бугарија.
„Ако Европската Унија сè уште ги цени човечките вредности што ги прокламира, веднаш треба да ја замрзне кандидатурата на Северна Македонија да стане членка на Унијата“, посочи Слави Трифунов.
Првата седница ја води највозрасниот пратеник, а на дневен ред е избор на претседател на Собранието. За функцијата за прв пат во поновата парламентарна историја на Бугарија пријавени се четворица кандидати.
