Македонија ги празнува двата Илиндена – Пендаровски: Со секоја злоупотреба на власта, младите се повеќе заминуваат

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Годинава Илинден го прославуваме со крупен исчекор кон целосна реализација на стратешките цели, полноправно членство во НАТО и почеток на преговорите со Европската унија, истакна шефот на државата Стево Пендаровски во својот поздравен говор од Пелинце. Во голем дел од неговото обраќање испрати силни пораки за состојбата во справувањето со пандемијата со Ковид 19 и последиците од неа, економијата, судството и особено со криминалот и корупцијата. По формирањето на Владата побара силна поддршка од сите политички чинители во напорите за граѓанско помирување.

„Нашите граѓани со право се разочарани кога гледаат дека Обвинителството кое беше симбол на сите наши надежи за расчистување со организираниот криминал се распадна како последица на тоа што и самото стана дел од организираниот криминал. Секоја злоупотреба на функцијата, секој злоупотребен денар од јавните финансии, секој наместен тендер, секое влечење на судските постапки со години, секое малтретирање на граѓаните во административните коридори се причина повеќе за одлуката за заминување од државата на многу луѓе“, рече Пендаровски.

Премиерот Оливер Спасовски, своето обраќање го одржа од тврдината Кале во Скопје каде на споменикот Сила Правда Слобода положи свежо цвеќе. Принципите на Илинден не се завртени кон минатото, туку иднината. Илинден е длабоко врежан во нашата меморија, но како живо наследство, порача Спасовски.

„Денес славиме празник и во чест на сите генерации наши сограѓани и сограѓанки кои во нашата слободна држава го вградуваа својот сопствен придонес за да стоиме гордо пред државното знаме и гордо да го зборуваме својот мајчин македонски јазик. Покажавме дека умееме да ги зачуваме и да ги спроведеме начелата на илинденците. Нашата земја од заборавен патник на слеп балкански коловоз, ја поставивме на шините кои водат кон евроатланска интеграција“, изјави Спасовски.

Честитка за двата Илиндена до граѓаните упати и претседателот на Собранието Талат Џафери кој требаше да одржи говор на Мечкин Камен во Крушево, но поради здравствената состојба таму се обрати потпретседателот на Собранието Горан Мисовски.

„Илинден е симбол на стремежот за подобро утре, за подобар живот на идните генерации, поправедно општество, напредок и повисоки вредности. Во ова исклучително време на предизвици, на овој посебен ден да се потсетиме на двата Илиндена, на Крушевскиот манифест и на идејата водилка на АСНОМ за слободна, независна и просперитетна Република Северна Македонија.“, рече Мисовски.

Државни делегации положија венци и свежи цвеќиња на спомениците на АСНОМ во паркот Жена борец, на Никола Карев пред Собранието и на Методи Андонов Ченто на градскиот плоштад. Пораки со честитки за двата Илиндена испратија и политичките партии. Лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека двата Илиндена го трасираа патот на слободата независност и единство. Идеите и вредностите запишани во овие безвременски документи од нашата историја денеска се наша реалност. Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ порача дека илинденците и сето она за што се бореа е нашата света кауза поради која и постои ВМРО. Честитка испрати и од Али Ахмети. Востанието од 2 август и Крушевската Република кое денес го одбележуваме треба да се изучува многу повеќе од историчарите и да се разјасни неговиот целосен карактер, во неговото писмо и дух, порача тој.