Блокирањето на стартот на преговорите на Македонија со Европската унија од страна на Бугарија се најде и на Комисијата за европски прашања на германскиот Бундестаг. Пратеникот на ЦДУ Гинтер Крихбау кој е и претседател на парламентарна комисија на Бундестагот за односи со Европската унија, постави прашање до германската канцеларка Ангела Меркел како ќе го реши тоа што Бугарија го злоупотребува членството во Унијата и ја блокира Македонија. На ова Меркел кратко одговори дека таа е во постојан контакт со бугарскиот премиер Бојко Борисов.
„Не успеавме секаде да постигнеме пробив, на пример за почеток на преговорите со Северна Македонија. Тоа е штета и уште еднаш доживеавме една злоупотреба на позицијата на една земја членка против една земја кандидат со наметнување на билатерални барања. И, мора јасно да се каже, со вршење притисок. Како ги оценувате шансите во блиска иднина да се надмине блокадата на Бугарија?“, се обрати Крихбау.
„Уште еднаш разговарав со бугарскиот премиер Бојко Борисов и се надевам дека овие прашања ќе се надминат во блиска иднина.“, вели Меркел.
Министерот за надворешни работи пак Бујар Османи кој деновиве е во дипломатска офанзива на неколку земји членки, по средбата со унгарскиот колега Петер Сијарто рече дека Македонија ја цени поддршка од Унгарија да ги почнеме преговорите без одложуваање. Притоа,истакна дека ветото од страна на Бугарија, е недоволно прецизен а уште помалку европски потег.
„Вчерашните одлуки во Брисел и неуспехот на Унијата и во последниот обид на германското претседателство да оформи консензус за преговарачката рамка не се во оваа насока и дозволете да констатирам дека тоа се доживува со длабоко разочарување во Северна Македонија. Во вчерашните заклучоци на Европската унија се вели дека земјите кандидати треба да сторат се за да стават крај на неправилната интерпретација на историјата но мислам дека „слонот во собата„ е дека се работи за неправилна интерпретација на сегашноста и иднината.“, изјави Османи.
Веднаш по донесувањето на заклучоците на Комитетот на постојани претставници вчера од Владата реагираа со соопштение во кое се вели дека иако ги исполнивме критериумите, се потврди ветото на Бугарија што предизвика големо разочарување во нашата земја. Бугарија и Европската унија ја повторуваат грешката во однос на Северна Македонија. Историската грешка во 2019 година сега е огромна геостратешка грешка на ЕУ, се наведува во реакцијата од каде се додава дека Македонија останува посветена на барањето решение со Софија но дека со идентитетските прашања нема да се преговара.
