Најголемиот дел од државните нафтени резерви се чуваат во складишта на четири компании во државата. Помал дел се складира во резервоари кои што се во државна сопственост. Четирите компании, ОКТА, Макпетрол, Лукоил и Супертрејд, каде што се чуваат државните нафтени деривати, за оваа услуга добиваат пари.

Но, имаат обврска во секој момент дериватите да ѝ ги стават на располагање на државата, откако Владата би решила да интервенира на пазарот. Од Агенцијата за задолжителни нафтени резерви велат дека се контролира до литар колку нафтени деривати има, односно дека во секое време и се на располагање на државата.
„Заедно со Државниот пазарен инспекторат и со нашата институција одиме во нивните магацини, ги контролираме и досега сè е во ред. Сите количини се подготвени да интервенираат на пазарот во секој момент кога Владата ќе побара од нас…. Компаниите имаат законска обврска во секој момент да ги чуваат точно литрите кои ние сме ги купиле. Ние имаме акредитирано инспекциско тело со кое одиме заедно и земаме примероци и утврдуваме дали ги имаме тие литри или не.“, вели Неџмедин Садики.
Според првиот човек на Агенцијата, нафтени деривати има доволно за околу 60 – тина дена да се покрие просечната потрошувачка во државава. Вели дека редовно, два пати годишно се обновуваат залихите со цел да се задоволат зимските и летните стандарди на горивата. Според календарот во овој момент е периодот кога треба да се набават количините кои одговараат на летните стандарди на дериватите.
Садики дека имаат доволно средства за набавка на дериватите, но доколку е потребно, Владата е тука да помогне.
„Процесот е во тек. Имаме средства, но доколку има потреба, сигурно ќе побараме и помош од Владата. Во моментов дел од средствата ги обезбедуваме преку Царинската управа, каде што за секоја увезена количина добиваме дел од средствата, со кои потоа ги чуваме резервите и ги одржуваме, а дел од тие средства ги користиме и за купување на нови количини“, порача Неџмедин Садики.
Инаку, европската директива предвидува државите да имаат нафтени резерви со кои може да се покрие просечната потрошувачка или нето увозот за 90 дена.
„Нафтените резерви може би се на задоволително ниво, но се уште сме далеку од европскиот стандард за 90 дена. Има две причини за тоа. Првата е во парите, втората е во просторот каде би се складирале овие деривати.“, вели репортерот на ТВ21.
За крај, од Агенцијата велат дека иако сме за околу 30 дена кусок во однос на европскиот стандард, сепак со нафтените резерви стоиме најдобро во регионот. Причината, како што велат, е што имаме законска усогласеност со европската регулатива, но и тоа што нашите нафтени резерви се чуваат во државава. Дел од земјите во регионот, пак, ги чуваат резервите во капацитети во соседни држави, бидејќи немаат доволно сопствени складишни капацитети.
