Владеење на правото, економскиот развој и евроинтеграциите биле трите теми за кои зборувале заменикот помошник државен секретар на САД, Александар Касаноф и премиерот Христијан Мицкоски. Касаноф истакна дека САД сериозно ја сфаќа помошта кон регионот за борба против корупцијата, додавајќи дека корупцијата ја поткопува довербата на јавноста во институциите.
„Имаме неколку програми кои ги користиме за да ги поддржиме антикорупциските напори. Што се однесува до црната листа и санкциите, не можам да коментирам во детали , но можам да ве уверам дека тоа е наш приоритет и ние работиме на тоа“, изјави Александар Касаноф, заменик помошник државен секретар на САД.
„Тука е борбата со криминалот и корупцијата, нешто за коешто јас шести месец зборувам, нешто за коешто граѓаните нас не обвинуваат како Влада – зошто сме немоќни да испорачаме одговорност, зошто некои луѓе не се одговорни, а сите знаеме што се направиле и како направиле“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање, Касаноф истакна дека гледа искреност во активностите на Владата за посветеноста за целосно зачленување во Унијата. Тој кажа дека евроинтеграциите биле во сржта на разговорите со Мицкоски. Според Касаноф, актуелната администрација на САД предводена од претседателот Џо Бајден, ќе продолжи да ја помага Македонија во зајакнувањето на демократијата, реформите и во аспирациите кон ЕУ. Касаноф додаде дека Македонија ја очекува светла иднина, а Мицкоски нагласи дека и во услови на променета геополитика, земјава останува да биде сојузник и партнер на САД.
