Македонија го доби правото да ја искористи новата транша од 65,7 милиони евра од Планот за раст на ЕУ. Првиот заменик-претседател на Владата, Беким Сали, соопшти дека во третиот период на известување државата спровела 21 реформски чекор, од кои 16 биле позитивно оценети, а три биле завршени пред рокот. Но, за да ги добие средствата, државата треба да предложи конкретни и временски дефинирани проекти.
„Ако зборуваме за точките кои имаат грејс период до крајот на јуни, последната информација е дека од 10 точки очекуваме да исполниме 9 и пол, технички да бидат исполнети. Кај оваа половина останува една точка која Европската комисија ја третира како точка што има потреба од подолга динамика. Тоа е прашањето за субвенционирањето на електричната енергија за граѓаните, кое де факто е во интерес на граѓаните да не го исполниме или делумно да го исполниме со намалена динамика.“, порача Беким Сали.
Од доделените 65,7 милиони евра, 30,6 милиони евра ќе бидат директно префрлени во државниот буџет, а според Сали преостанатите средства ќе бидат распределени за развојни проекти и стратешки инвестиции преку Инвестициската рамка за Западен Балкан. Сали рече дека тоа подразбира повеќе инвестиции во инфраструктурата, енергетиката, дигитализацијата, образованието и човечкиот капитал.
„Досега имаме нова методологија за финансирање на основното и средното образование, интернет и ИТ-опрема во 160 основни училишта, унапредување на дигиталните услуги и електронската идентификација, реформи во управувањето со јавните финансии, поголема институционална транспарентност, намалување на бирократските процедури и поорганизирани инвестиции во човечкиот и дигиталниот развој.“, вели Беким Сали.
Рокот за исполнување на чекорите е крајот на јуни, по што државите имаат уште дополнителни 15 дена за комплетирање и испраќање на документите до Европската комисија. Комисијата ги ослободи и средствата за Албанија во износ од 49 милиони евра и за Црна Гора 44,2 милиони евра. Сепак, сите овие средства може да не бидат искористени доколку државите не ја спроведат реформската агенда во предвидените рокови.
