Македонија на 3-ти јули ќе добие извештај од ЕК за владеење на правото

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европската комисија ги подготвува извештаите за владеењето на правото и за земјите-членки и за четирите земји кандидати за членство во ЕУ – Србија, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија. Овие документи ќе бидат објавени истиот ден – 3 јули.

Хронични тешкотии за ЕУ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, прва најави дека ЕК ќе ги објави извештаите за владеењето на правото и за кандидатите. Во својот говор за состојбата на Унијата на 13 септември 2023 година, фон дер Лајен објасни дека тоа ќе биде направено за земјите да можат побрзо да напредуваат кон членство во Унијата.

Впрочем, ваквиот чекор значи дека Европската комисија ќе ја оценува состојбата на владеењето на правото со критериумите за земјите кои веќе се дел од ЕУ. Затоа деталните описи и препораки дадени во овие документи ќе овозможат јасна споредба на ситуацијата. На овој начин ќе се даде уште попрецизна слика за „хроничните“ тешкотии со кои се соочуваат земјите кандидати.

Ќе се анализираат 4 области

Во претстојниот извештај за владеење на правото ќе се анализира напредокот во четири области: судството, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и плурализмот и пошироките институционални прашања поврзани со правото.

Во претстојниот извештај се очекува ЕК да ја потврди својата позиција дека борбата против корупцијата останува клучна за зачувување на владеењето на правото и довербата на граѓаните во јавните институции и дека севкупниот пристап во борбата против корупцијата треба да вклучува комбинација на превентивни и казнени мерки.