Македонија падна на индексот на слобода на медиумите – Рангирана 45-та од „Репортери без граници“ – половина од светот во криза

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија забележа пад на Индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, паѓајќи од 42-то на 45-то место и се најде во групата земји со „проблематична“ состојба. Иако вкупниот резултат останува ист, земјата бележи влошување кај сите главни индикатори што ја мерат слободата на медиумите, вклучувајќи ги правните, политичките и економските аспекти. Според извештајот, главните проблеми се поврзани со ширењето на дезинформации, недостатокот на професионализам и падот на довербата кај јавноста, како и со често негативните ставови на официјалните лица кон новинарите.

„Потребни се ефективни мерки за заштита на новинарите и тие треба да се гледаат како катализатор за промени, почнувајќи со ставање крај на криминализацијата на новинарството: злоупотребата на законите за национална безбедност, СЛАП-тужбите и системското попречување на оние кои истражуваат, разоткриваат и бараат одговорност. Постоечките механизми за заштита не се доволно силни; меѓународното право се поткопува и неказнивоста е широко распространета“, се вели во извештајот.

На глобално ниво, извештајот покажува алармантно влошување на слободата на медиумите: за првпат, повеќе од половина од земјите во светот се сметаат дека се во „сериозна“ или „многу сериозна“ состојба. Една од главните причини е зголемувањето на рестриктивните закони, особено во име на националната безбедност, кои се користат за ограничување на работата на новинарите и за криминализација на новинарството.

„Во регионот на Балканот, состојбата е претежно слаба, при што повеќето земји се во категориите „проблематична“ или „сериозна“. Само Словенија и Црна Гора имаат постабилна состојба. Во меѓувреме, на глобално ниво, Норвешка продолжува да ја предводи ранг-листата десетта година по ред, додека Еритреја останува на дното“, се вели во извештајот.

Извештајот исто така нагласува дека политичките притисоци, економската несигурност и други фактори како родовата нееднаквост и слабеењето на локалните медиуми негативно влијаат врз независноста на новинарството во Македонија, правејќи ја состојбата со слободата на медиумите сè поранлива.