Македонија планира да набави гас од Србија – Мицкоски со план за излегување од енергетската криза

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Решение ќе има пред започнување на грејната сезона, а за производство на електрична енергија засега при крај се преговорите за набавка на гас од Србија иако се уште нема информации за колкави количини станува збор ниту по која цена. Виктор Андонов, советникот за енергетика на премиерот Ковачевски истакна дека пред десет дена во разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ било наведено дека Србија ќе достави гас на Македонија која пак од произведените количини електрична енергија дел ќе и испорача на Белград. Андонов потсети и дека се водат преговори и за дополнителни количини електрична енергија со други земји.

„Ние ќе ја платиме количината на гас тие ќе ја платат количината на електрична енергија. Количината на електрична енергија која ќе остане кај нас ќе биде продадена на индустријата по цените кои ќе бидат прифатливи за нив и кои ќе бидат излезни во зависност од цената на гасот. И топлината ќе се продаде на граѓаните за затоплување. Во Турција се разговараше за дополнителни количини на електрична енергија и за дополнителни количини на природен гас. Во Грција се разговараше за обезбедување на континуирано снабдување со  лигнит и со мазут, а во Бугарија за поевтина цена далеку под берзанската на електрична енергија“, вели Виктор Андонов.

За состојбите со енергетската криза претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на средба со раководството на Сојузот на стопанските комори на која како што рече го презентирал планот за справување со енергетската криза.  

„Предлогот кој што предвидува ставање во функција на сите производни домашни капацитети а притоа ги ставаме на располагање сите контакти кои што ги имаме надвор од земјата во Европа и пошироко да обезбедат ресурс доволен да производните капацитети обезбедат електрична енергија која што ќе биде за бизнис заедницата. И вториот предлог кој што исто така јавно сакаме да го соопштиме е предлог закон со кој што ќе бараме измена на Законот за енергетика, кој што ќе биде доставен до крајот на оваа недела или на почетокот на следната недела во собраниска процедура“, додава Виктор Андонов.

Претседателот на Сојузот на Стопанските комори Трајан Ангеловски рече дека секој предлог кој ќе придонесе за излегување од оваа криза е прифатлив.

„Секоја понуда, секоја можност за добивање на поевтина цена од оваа која е на берзите за нас е огромна предност и ние би сакале да секој дел од тие мерки што е конструктивен, позитивен во вистински правец да се имплементира. Мислам дека е ова национален проблем, државен проблем, така што предлозите не треба да ги делиме дали доаѓаат од позиција или опозиција, треба да се потрудиме да се извлечеме од оваа криза и да поминеме со што е можно помалку последици“, додава Трајан Ангеловски.

За предлогот на Мицкоски од Владата велат дека се уште не го виделе но дека секоја поддршка од опозицијата како и од сите политички партии во справувањето со енергетската криза се добредојдени. Сепак потсетуваат дека и Владата има свој план за кризата, кој бил претставен и на седницата на Советот за безбедност кај претседателот Пендаровски.