Почина шестата жртва од пожарот во Омиш

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шест лица досега ги загубија животите во тешкиот пожар што во август го зафати подрачјето кај хрватскиот град Омиш. Последната жртва е 66-годишна жена, која утрово, на 25 октомври, починала во Клиничкиот болнички центар во Сплит, каде што се лекувала од тешките повреди здобиени во пожарот.

Од болницата соопштија дека медицинскиот тим ги презел сите неопходни мерки и спровел интензивно лекување, но поради сериозноста на повредите жената починала.

Пожарот избувнал на 13 август, околу 20 часот, во шумски предел покрај патот во областа Локва Рогозница. Поради силниот ветер, огнената стихија брзо се проширила кон Станиќи, Немира, Брзет, Борaк и Омиш, зафаќајќи подрачје долго околу 23 километри и широко околу километар и половина.

Меѓу жртвите и пензиониран пожарникар

Првата жртва била 34-годишната Драгана Антешевиќ од Котор Варош, Босна и Херцеговина, која во Омиш дошла да работи за време на туристичката сезона. Нејзиното тело било пронајдено во Мала Лука, во областа Станиќи, а идентитетот бил потврден со обдукција и ДНК-анализа.

Меѓу загинатите е и пензионираниот пожарникар Драго Лелас, кој починал на 28 август во болницата во Сплит од последиците на тешките повреди.

Третата жртва била 58-годишната Катица Николиќ, која по повеќенеделна борба за живот им подлегнала на повредите. Четвртата жртва, 41-годишна жена, починала на 6 октомври во Клиниката за трауматологија при Клиничкиот болнички центар „Сестре милосрднице“ во Загреб.

На 14 октомври, во болницата во Сплит починал и 60-годишен маж, кој се лекувал од повредите здобиени во пожарот.

Со смртта на 66-годишната жена, бројот на жртвите од пожарот кај Омиш се искачи на шест.