Министерот за финансии, Фатмир Бесими побарал кредит од Меѓународниот монетарен фонд. Според Бесими, средствата ќе бидат искористени за поддршка на буџетот и финансирање на буџетските потреби, а каматната стапка ќе биде околу 1%.
„Оваа кредитна линија е достапна за земјите-членки со здрави економски основи, а се користи за ситуации кога има неизвесност како што е во моментов економската криза како резултат на инфлацијата и енергетската криза, особено по војната во Украина“, вели Фатмир Бесими.
Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска, обвинува дека најавите за ново задолжување ќе ја фрлат на колена Македонија. Вели дека владата СДСМ-ДУИ ја вовлекла државата во големи долгови, а за само три години долгот ќе достигне до 7.9 милијарди евра.
Според ВМРО-ДПМНЕ, во 2021-ва сме имале економски раст од само 4%, што е најслабо остварување во регионот, а во земјава немало ниту една капитална инвестиција. Бесими учествува на пролетните состаноци на ММФ и Светска Банка, заедно со гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.
