Македонија слави 31 година независност – атентат, воен конфликт, блокади и промена на име…

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Да ви честитам слободна, суверена и самостојна Република Македонија…“

Овие зборови со кои првиот македонски претседател Киро Глигоров им ја честиташе одлуката на македонските граѓани за независност на државата, останаа врежани во историјата како важен датум за македонската државност по кој беше прогласена самостојноста на Република Македонија која дотогаш беше во рамките на СФРЈ.

На 8 септември 1991 година со убедливо мнозинство од над 95 проценти од вкупниот број граѓани кои излегоа на референдумот, позитивно се изјаснија за создавање на самостојна и независна македонска држава. Референдумот се одржа во исклучително тешки и сложени услови, бидејќи во тогашна Југославија веќе беа почнати и се разгоруваа војните меѓу тогашните југословенски републики. ЈНА беше присутна во Македонија со зајакнати формации и се вршеше силен притисок врз тогашното државно и политичко водство за да не се напушта Југославија.

Претходно на 25 јануари беше усвоена Декларацијата за независност од првото повеќе партиско македонско Собрание, а два дена подоцна пратениците го избраа Киро Глигоров за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија. Како важен момент по референдумот беше мирното одвојување на Македонија од поранешна Југославија. За заминувањето на тогашната ЈНА од македонските простори признание се оддава на тогашното раководство предводено од Глигоров кога на мирен начин без никаков инцидент се одвиваше заминувањето на југословенската војска од македонските касарни.

Важни чекори за утврдувањето на државноста беа усвојувањето на новиот македонски Устав во Собранието кое се случи на 17 ноември 1991, воведувањето на денарот како валута на Република Македонија на 26 април 1992 година како и формирањето на сопствените оружени сили односно Армијата на Република Македонија.

Меѓународно правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога Македонија со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации беше примена како 181 полноправна членка на Светската организација.

Земјава измина 3 децении независност одбележана со многу потешкотии, како трицифрената инфлација која ја имаше на почетокот на 90-те.

Косовската бегалска криза, грчкото ембарго и децениското вето, како и конфликтот од 2001-та.

Четири години од прогласувањето независност, се случи атентат врз првиот претседател Киро Глигоров. Тој го преживеа атентатот, но загина неговиот возач.

Во февруари 2004-та година, во авионска несреќа во близина на Мостар, БиХ, загина вториот претседател на независна Македонија, Борис Трајковски.

Годините на независност државата ја следат три важни договори, Рамковниот со кој заврши воениот конфликт. Преспанскиот со кој се смени името на држава…. и Договорот за пријателство со Бугарија по кој останаа отворени прашања.

Од минатата година Македонија и официјално е членка на НАТО, а од годинава земјава ги започне преговорите со Европската унија кои пак се условени со внесувањето на Бугарите во Уставот.