Фудбалерот Агон Елези, кој важи за иднината на средниот ред на македонската репрезентација, заедно со неговите соиграчи на жолто-црвената репрезентација го одржаа вториот тренинг, како дел од подготовките за контролните натпревари против Молдавија и Црна Гора. Иако тоа се само пријателски натпревари, тој вели дека ги сметаат како да се квалификациски натпревари.
„Не очекуваат 2 многу важни натпревари. Пријателски се но ние не ги сметаме така, ги сметаме како да се квалификациски натпревари бидејќи кога играме за македонската репрезентација сите натпревари се многу важни. Очекуваме добри натпревари, Молдавија и Црна Гора се тимови кои се докажале во квалификациите за Европско. За нас ова ќе биде добра можност да се запознаеме подобро, да бидеме што поподготвени за тоа што не очекува во септември за почетокот на Лигата на нациите“, вели Агон Елези.
Нашиот центарфор, Бојан Миовски кој ја игра најдобрата сезона во кариера со вкупно 22 гола за Абердин, ја потенцираше важноста на овие собири и се надева дека ќе му тргне голгетерски и во националниот тим.
Инаку Северна Македонија во септември го започнува следниот циклус на Лигата на нациите, а според ждрепката Македонија е во иста група со Ерменија, Летонија и Фарски Острови.
