Македонија заедно со другите земји од Западен Балкан на почетокот на идната 2027 година да стане членка на Европската унија, но без право на глас. За ова сценариото за некаков вид получленство говореше премиерот Христијан Мицкоски во вчерашната емисија на Канал 5 „Само интервју“ за кое вели дека е дел од мировното сценарио за Украина и евроинтеграциите.
-Постои една идеја којашто се погласно се слуша и во Брисел и наоколу и го опфаќа мировниот план за Украина. Првото сценарио е Украина заедно со Црна Гора, Албанија и Македонија стане земја членка на Европската унија и тоа да се случува на почетокот од 2027 година да седне на масата, да се развиори македонското знаме во Брисел, но без право на глас, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Сето ова би подразбирало постапено исполнување на обврските за затворање на поглавјата и како ќе се затвораат така постепено ќе се интегрира, сè додека целосно не го усогласи својот систем за она што го бара Европската унија. Заедно со ова задолжителни се и два услови и тоа заедничка надворешна и безбедносна политика и владеење на правото. Сепак и покрај ваквиот метод на Македонија и останува обврската за уставните измени. Тоа е наведено и во Извештајот на Томас Вајц, известувачот за напредокот на Македонија кој треба да биде презентиран во Европскиот парламент.
„И покрај некои позитивни случувања, напредокот во реформската агенда поврзана со ЕУ во клучни области како владеење на правото, судски реформи и борба против корупцијата остана недоволен. Постои и итна потреба од поголема политичка волја за надминување на тековниот застој околу усвојувањето на уставните измени. Во време на длабоки геополитички промени, Европа мора да остане обединета“, изјави европратеникот Томас Вајц.
Од СДСМ со став дека Извештајот на Вајц е потврда дека власта ја турка Македонија во изолација.
„Цитирам: „Процесот на пристапување е сопрен“, и ова не е оценка на опозицијата, туку официјален став наведен во овој извештај. Во документот јасно се наведува дека нема напредок во владеењето на правото, правосудните реформи и борбата против корупцијата. Пораката од Брисел е јасна, проширувањето може да се забрза, но само ако има вистински реформи и владеење на правото“, изјави портпаролот на СДСМ, Богданка Кузеска.
За идејата земјите од Западен Балкан да станат членки на ЕУ без право на глас, се говори веќе извесен период. За ова се зборувало и на Безбедносната конференција во Минхен, но засега ништо официјално не е ставено на маса.
