Започна изградбата на канализација и водовод во Ласкарце – проект од 243 милиони денари, опфаќа и реконструкција на улици

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Започнаа работите за изградба на атмосферска канализација и водовод во Ласкарце, општина Сарај.

Градоначалникот на Сарај, Мухамед Елмази, изјави дека проектот вкупно чини 243 милиони денари.

„Тука сме да го одбележиме почетокот на градежните работи на подземната и патната инфраструктура, од вториот повик на Владата, во вкупна вредност од 243 милиони денари. Министерството за транспорт учествува со 136 милиони денари, Министерството за животна средина со 85 милиони денари, а ние како општина со 22 милиони денари.“, изјави Елмази.

Заменик-министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири информираше дека проектот опфаќа и реконструкција на улици во рамки на селото.

„Oвој проект се однесува на реконструкција на неколку улици во ова село, кои во вкупна должина изнесуваат 4 километри и се во вредност од 2 милиони евра. За Општина Сарај имаме вкупно три проекти со кои аплицирала оваа општина и владата ги поддржува.“, рече Зеколи-Шаќири.

Министерството за животна средина и просторно планирање обезбедило 85 милиони денари од унгарски кредит, информираше министерот Мухамет Хоџа.

„Тука сме за да го означиме почетокот на реализацијата на проектот за изградба на атмосферска канализација и водовод токму овде, во селото Ласкарце, општина Сарај. Министерството за животна средина и просторно планирање, од вториот повик на унгарскиот кредит, обезбеди над 85 милиони денари.“, изјави Хоџа.

Инаку, минатата недела по обилните врнежи од дожд имаше поплави во четири села од оваа општина, при што беа предизвикани материјални штети. За ова, градоначалникот Мухамед Елмази изјави дека состојбата е стабилна и дека Комисијата сè уште врши проценка на штетите, кои ќе бидат доставени до Владата за обесштетување на настанатите штети.