Македонија во топ 5 во Европа според растот на БДП – Мицкоски: Индустриското производство во април порасна за 7,6%

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Прва е Малта, потоа Полска, Србија, па доаѓа Македонија…“

Вака премиерот Христијан Мицкоски од Владата ги презентираше податоците на Евростат за нашата земја, кои покажуваат дека Македонија е меѓу првите пет земји во Европа според растот на бруто-домашниот производ. Повикајќи се на најновите податоци од Државниот завод за статистика, Мицкоски изјави дека земјата бележи и раст од 7,6 проценти на индустриското производство во споредба со април минатата година, како и намалување на невработеноста во последните 21 месеци.

„Индустриското производство во април 2026 година е зголемено за 7,6 проценти во споредба со април минатата година. Во првите четири месеци од 2026 година, ретко која држава во Европа има индустриско производство што се наоѓа во позитивна зона. Растот е мал, 0,2 проценти, но сепак е позитивен раст, имајќи предвид дека се соочуваме со најголемата енергетска криза во светот.“, вели Христијан Мицкоски.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, изјави дека Владата ќе продолжи со мерките за намалување на буџетскиот дефицит, уверувајќи дека тој нема да биде повисок од минатата година. Таа нагласи дека фискалната консолидација, контролата на трошењето и зачувувањето на финансиската стабилност остануваат главни приоритети на владините политики.

„Во моментов работиме на проекциите за ребалансот на Буџетот. Го чекавме завршувањето на месец мај за да имаме појасна слика за состојбата, а потоа да ги направиме проекциите. Секако, можни се одредени корекции како резултат на мерките поврзани со акцизите за нафтата и нејзините деривати. Може да има одредени отстапувања, но фискалната консолидација значи дека нема да имаме буџетски дефицит поголем од оној од минатата година. Расходите внимателно се следат и сите обврски се исполнуваат навреме.“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.

На крајот од своето обраќање, Мицкоски изјави дека економскиот раст не е само статистика, туку доказ за посветена работа, најавувајќи уште посилна динамика и фокус на привлекување инвестиции и подобрување на животниот стандард во наредниот период.Министерката за финансии Димитриеска-Кочоска истакна дека Владата целосно ја отплатила еврообврзницата од 700 милиони евра, издадена во 2020 година.