Македонска државјанка, врз основа на доброволна согласност, а со посредство на амбасадите на Македонија во Пекинг и Париз, успешно е евакуирана од кинескиот град Вухан. Нејзината здравствена состојба е добра, не постојат симптоми на корона вирусот. Од МНР повеќе детали не откриваат, туку само ја објаснија постапката преку која е евакуирана.
Министерството за надворешни работи е во постојана комуникација со евакуираната патничка преку надлежните амбасади во Пекинг и Париз, како и преку властите на соодветните држави.
Во Македонија во моментов нема случаи на коронавирус. Пред неколку дена имало лажна тревога за жена во Штип, чиј маж се вратил од Кина. Имала висока температура, но утврдено било дека се работи за обиен грип.
Голем број земји организираа авионски превоз за своите граѓани кои во моментов се наоѓаат во областите каде што се појави вирусот, а се воведуваат и други превентивни мерки, како што се двонеделен карантин и забрана за летови кон Кина.
Инаку, бројот на починати од коронавирусот се зголеми на 305, а регистриран е и првиот смртен случај надвор од Кина – на Филипините, каде што почина кинески државјанин од Вухан, од тешко воспаление на белите дробови.
Појавата на вирусот е потврдена во повеќе од 25 земји во светот, а бројот на заразени се зголеми на 14.300.
Најголем број починати и заразени има во провинцијата Хубеи и главниот град Вухан, каде што се појави вирусот.
