Македонски државјанин уапсен во Црна Гора, осомничен за напад врз член на „Шкаљарски“ клан

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Црногорската полиција го уапси македонскиот државјанин Андреј Танасковски во Никшиќ, кој се бараше за обидот за убиство на Марко Љубиша, познат под надимакот Кан, кој бил член на озогласениот „Шкаљарски“ клан јавуваат црногорските медиуми, повикувајќи се на неколку извори од Управата на црногорската полиција.

Според информациите, Танасковски е уапсен во таен стан во населбата Видрован во Никшиќ. Со него е уапсен и 34-годишниот Нено Марковиќ од Никшиќ, осомничен дека му помогнал да се скрие од органите на редот по извршувањето на кривичното дело.

Црногорската полиција објави дека 19-годишниот Танасковски е осомничен за обид за убиство на 56-годишниот Марко Љубиша – Кан, на 7 август 2025 година, во хотелскиот комплекс „Маестрал“ во Будва.

„По А.Т. е издадена меѓународна потерница за кривично дело обид за убиство, откако испукал два истрела кон жртвата, нанесувајќи му телесни повреди на М.Л. во главата. Осомничените се товарат и за кривичните дела нелегално поседување оружје и фалсификување исправа. Според сомневањата, при планирањето на нападот, А.Т. користел фалсификувана лична карта со иницијали Ј.Г. од Република Србија, со која се регистрирал во хотел во близина на местото на нападот“, се вели во соопштението на црногорската полиција.