Македонските филмови „Утре изутрина“, „Ветена земја“ и „Неми филмови“ освоија значајни признанија на Фестивалот на Југоисточна Европа (SEE FF 2026), кој се одржа во Париз, Берлин и Вашингтон.
Американското жири му ја додели наградата за најдобар игран филм на „Утре изутрина“, кој ја освои и наградата за најдобро сценарио на авторот Јани Бојаџи. Македонските остварувања „Неми филмови“ на Крсте Господиновски и „Ветена земја“ на Ќендрим Ријани беа прогласени за најдобар анимиран, односно најдобар документарен филм.
Во останатите категории, наградите за најдобра актерка и најдобар актер ги добија Илинка Харнут од Романија и Саболч Туруци од Унгарија, додека за најдобар режисер беше избран Миливоје Обрадовиќ од Црна Гора.
Француското жири за апсолутен победник го прогласи босанскиот филм „Павиљон“, кој освои повеќе награди, меѓу кои за најдобар игран филм, режија, сценарио и главни актерски улоги.
Во Берлин, германското жири наградата за најдобар игран филм му ја додели на косовскиот „Одисеја на радоста“, додека признанијата заминаа и кај автори од Романија, Унгарија, Турција, Црна Гора, Бугарија и Босна и Херцеговина.
Фестивалот SEE FF годинава го одбележа своето 16-то издание во Париз, 11-то во Берлин и шесто во Вашингтон. Манифестацијата традиционално ги промовира кинематографиите од Југоисточна Европа и претставува важна платформа за афирмација на филмските автори од регионот пред европската и американската публика.
