Денес, во хотелот „DoubleTree by Hilton Skopje“ во Скопје под мотото „E-commerce: Accelerate!“, започна Петтата годишна конференција за е-трговија, премиерно во своето регионално издание, на која присуствуваат преку 500 учесници од повеќе од 10 земји, а свое излагање ќе имаат 29 еминентни говорници од земјата и странство.
Можностите кои ги нуди е-трговијата во регионот, промените на навиките кај купувачите предизвикани од е-трговијата, поврзаноста помеѓу податоците, маркетингот и технологијата, како и приказни од успешни е-трговци од регионот ќе бидат главните теми на годинешното издание кои ќе бидат претставени низ шест keynote презентации, eден неформален разговор, четири панел сесии и две презентации на успешни приказни од регионот.
Конференцијата ја отвори претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Д-р Нина Ангеловска која во својот говор истакна дека иако бројките и податоците покажуваат раст на е-трговијата во Македонија, сепак се уште нашата земја е рангирана на дното споредено со европските земји, а и зад дел од земјите од регионот кај повеќето индикатори.
„Податоците покажуваат раст на речиси сите индикатори, така на пример, 46% од интернет корисниците купуваат онлајн, има значителен пораст во користењето на интернет банкарство и понатамошен раст на онлајн трансакциите, меѓутоа сепак тоа е мал раст споредбено со земјите од Европска Унија. Затоа мораме да го забрзаме развојот на е-трговијата за да отскокнеме од дното неколку места напред.“– додава Ангеловска.
Ангеловска на конференцијата ексклузивно ги презентираше клучните сознанија од извештајот со наслов „Преглед на анализата на е-трговија (2022) во Р.С. Македонија и споредба со регионот и европските земји”, кој вели дека Македонецот купува онлајн еднаш до два пати во 3 месеци, прави нарачки најчесто до 50 евра, а најмногу нарачува од домашни е-трговци. Најмногу купува облека онлајн, а најмалку мебел и храна (испораки од ресторани).
Вредноста на трансакциите кои Македонците ги реализирале кон домашните е-трговци во првата половина на 2022 изнесува 12 милијарди денари и е за 22% повисока споредбено со првото полугодие во 2021. За охрабрување е и фактот дека во првата половина на 2022 година се отворени 110 нови е-продавници, што укажува на тоа дека продолжува трендот на зголемување на бројот на уреди кои примаат платежни картички на виртуелни места на продажба.
Во однос на навиките за користење на услугите од електронското банкарство, во Северна Македонија се забележува значителен пораст на 31% од населението кое користи интернет, но тоа не е доволно – нашата земја е подобра само од соседните земји, додека 66% од Европејците го користат интернетот за е-банкарство.