Македонските Бугари гласаат на предвремени избори – Пендаровски: Ќе поднесам оставка ако тоа помогне за ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бугарија денеска гласа на предвремени парламентарни избори, петти во само две години, откако претходно не успеаа да состават Влада, а уште помалку да направат коалиции. Се гласа и на седум гласачки места во Македонија, за прв пат годинава, избирачко место е отворено и во Тетово, каде што има запишано 40 гласачи. Од друга страна пак нема да има оваа година избирачко место во Штип, а во Охрид никој не се пријави по електронски пат за да гласа, што не значи дека денеска нема никој да отиде на избирачкото место.

„Ќе се реши, на Балканот мора да се реши. Балканот е дел од Европа. Но ќе се закасни, и во Макеоднија и во Бугарија секаде мора да се прилагоди на потребите и законите на ЕУ. И светот. Мора да се подобрат односите, војна како во Украина не бива никаде, тоа сега таква техника имаат, умираат само невин народ“.

Темата Бугарија е важна и за нашата држава, особено тоа што изминатиов период односите меѓи двете земји се на најниско ниво. По Грција, Бугарија е земјата која го кочи нашиот напредок кон Европската унија. Последното барање од нивна страна е внесување на Бугарите во Уставот, што пак мора да се случи за да не закочат како што вели актуелната Влада започнатите преговори со Европската унија по завршувањето на скрининг процесот. Во продолжување на дијалогот со новата Влада во Бугарија се надева министерот за надворешни работи Бујар Османи.

„Тоа што можам да кажам е дека фактот што немаше политичка Влада во Бугарија последните 2 години беше отежнувачки фактор. Затоа што немаше политички партнер со кој можевме да се договориме по однос на политички прашања, а во услови кога нема политичка влада, тогаш конзервативни елементи во општеството го диктираат наративнот, тоа ни се случи на нас за жал и токму тие радикални елементи ги киднапираа односите и доведоа до ескалација на тие односи“, вели Бујар Османи.

И претседателот на државата Стево Пендаровски е подготвен неговиот мандат да биде жртва со цел земјава да продолжи по патот кон Евроинтеграциите. Тој во телевизиско интервју рече дека треба да се дебатира со опозицијата и без користење на други алтернативи да се започне процес на уставни измени.

„Јас би преферирал таа постапка за промена на Уставот да почне, овој, или следниот месец најдоцна и да заврши пред август, кога се колективните одмори на државните органи, пред се на парламентот. Затоа што после тоа пополека влегуваме во предизборна атмосфера и сега се чувствува таму и атмосферата може да биде само полоша. Не би сакал да видам друг начин за да дојдеме до 2/3 или промена на Устав во однос на Бугарите, освен дебата со опозицијата. Не знам зошто на друг начин би те убедувал со давање на нешто пари, привилегии. Значи јас не размислувам за било каков друг начин или комбинација како ја нарекуваат за да некого натераме од денешната опозиција, која има јасни позиции против промена на Уставот, и да ги одоброволиме. Ако скратувањето на мојот мандат и помогне на државата Македонија, да напредува во интеграциите или во демократијата, уште денеска ќе поднесам оставка“, посочи Стево Пендаровски.

Бројот на запишани избирачки за гласање во Македонија е 169, што за разлика од претходните избори значи намалување за 20тина граѓани. Но и тие кои електорнски не се пријавиле, денеска можеше да гласаат на избирачките места.